Wednesday, April 10, 2013

Перцепција за луѓето


Простентик Вогон Јелц не беше пријатна глетка дури ни за другите вогонци. Неговиот огромен крив нос се издигнуваше над малото свињесто чело. Неговата темна, како гума кожа беше доволно дебела за да може да ја игра, и тоа многу добро, играта на вогонска јавна администрација, а и беше доволно дебела за да издржи бесконечно долго под вода на длабочина од илјадници милји, без ништо да му биде.

Се разбира, не дека нешто одеше на пливање. Неговата набиена агенда не му дозволуваше. Беше таков каков што беше затоа што милијарди години претходно кога вогонците испливаа за прв пат од праисториските мориња на Вогосфера и се послаа бревтајќи и боркајќи се на девствените брегови на планетата...кога првите зраци на младото светло Вогосол сонце ги огреа тоа утро, беше како силите на еволуцијата да кренаа раце од нив токму тогаш и таму, ја свртеа главата гадејќи се и ги отпишаа како одвратна, несреќна грешка. Не еволуираа понатаму; не требаше да опстанат.

Фактот дека еволуираа е всушност еден вид почит за решителната, тупава тврдоглавост на овие суштества. Еволуција? си рекоа, Што ќе ни е?, и си живееа и без она што природата одби да го направи за нив се додека не стигнаа до степен да ги поправат поголемите анатомски нескладности со операција.

Во меѓувреме, силите на природата на планетата Вогосфера работеа прекувремено за да надоместат за претходниот кикс. Создадоа брзи ракчиња со блескави седефeсти оклопи, кои вогонците ги јадеа, кршејќи им ги оклопите со метални чукови; високи горди стебла со невидена виткост и боја кои вогонците ги сечеа за да ги печат ракчињата на нив; елегантни суштества како газели со свиленкасто крзно и влажни очи кои вогонците ги ловеа за да седат на нив. Не ги користеа за превоз бидејќи грбовите веднаш им пукаа, но вогонците сепак седеа на нив.

Така планетата Вогосфера ги пропати несреќните милениуми се додека вогонците случајно не ги открија принципите на меѓуѕвезденото патување. За неколку  Вог години сите вогонци имигрираа во Мегабрантис кластерот, политичкиот центар на галаксијата  и  го формираа многу цврстиот столб на  Галактичката јавна администрација. Се обидоа да се здобијат со образование, се обидоа да се здобијат со стил и манири, но во речиси секој поглед модерниот вогонец не се разликува многу од своите примитивни предци. Секоја година увезуваат дваесет и седум илјади ракчиња со блескави седефeсти оклопи од нивната матична планета  и поминуваат весела, цврцната вечер правејќи ги парампарче со метални чукови.

Извадок од 
 „Автостоперски водич низ галаксијата“, Даглас Адамс

No comments:

Post a Comment