Wednesday, May 29, 2013

Не сакам

Не сакам да ме допираат непознати
Не сакам непознати да ми чепкаат таму каде што ништо не оставиле
Не сакам друг да ми ја крои судбината
Не сакам друг да ми кажува колку деца да имам, како да ги правам и зошто
Не сакам да ми кажуваат каква да бидам во кревет
Не сакам да не сум господар на своето битие

Одете по ѓаволите и видете таму дали може да им ставате ред во пеколот, како да го ложат огнот.  А ќе ме доприте кога пеколот ќе замрзне и одмрзне три пати. Во меѓувреме за доброто на сите седете мадро.

Thursday, May 23, 2013

Чудна љубов

Некоја октомвриска вечер  пред едно 10 години  сте си се договориле дека можеби нема најмногу на свет да се сакате, поради традиционалното ривалство, ама дека ќе си се почитувате и дека ќе си недостигате, на моменти барем. Ете сега на пример, ти фали. ти фали оти душата ти е таму, оти не дека ќе е нешто поинаку од тука, истата мизерија, ама ти се чини дека таму ќе биди се на место, дека барем дел од луѓето ти се таму.  Ти фали да збесниш од пеколната Партизанска и од пуфлите и покондирените тикви и тиквој на Ленинова и во Чаршија. Ти фали да ги опцуеш бившите комшии кај Гратски Ѕид среде центар оти уште го фрлаат ѓубрето низ џам. Ти фали да повозиш ролери по кеј со твојот тим „полжави“, ти фали да го слушниш муабетот на другата маса во Кино Карпош и да се изнасмееш дека е ист и во себе да поцрвениш оти и ти си го правела со другарка ти. Ти фали во Менада да се зафркаваш и да развиваш надреални филмови за тешки општествени  и хумани недостатоци и да се газиш од смеење на глупости и глупавштини. Ти фали моментот на одлагање на работа оти ти се пие кафе или ти се пешачи од Мичурин до Карпош3.

И се ми фали, ми фалат луѓето, си фалам јас, ми фали животот во кутивче што непара ми се бендисува.  Отаде реката тревата е секогаш позелена.
И ме боли кога го гледам измачено.